Меѓународен фудбал Фудбал

ФИФА го отпушти високиот функционер кој се спротивстави на планот на Инфантино

Нови потреси во врвот на светската фудбалска организација. ФИФА потврди дека Кевин Ламур повеќе не ја извршува функцијата главен оперативен директор, откако Французинот јавно се спротивстави на контроверзниот план на претседателот Џани Инфантино за привлекување приватни инвеститори.

Ламур, кој беше трет највисок функционер во ФИФА, ја напушти позицијата на 17 август, по нешто помалку од две години на функцијата. Светската фудбалска централа потврди дека работниот однос со него е завршен, без дополнително да ги образложи причините за одлуката. Французинот, кој претходно работел и во УЕФА, беше меѓу највисоките функционери на ФИФА кои јавно го критикуваа планот на Инфантино за продажба на удели во натпреварувањата, вклучително и Светското првенство, на приватни инвеститори.

Ламур проектот го опиша како „проект на еден човек“, а во својата последна јавна реакција порача дека фудбалските лидери мора да носат одлуки кои ќе бидат во интерес на спортот.

„Ако тоа значи дека ќе ја загубам работата, нека биде така“, порача Ламур, со што практично најави дека е подготвен да ги сноси последиците од својот став.

Планот на Инфантино во меѓувреме беше повлечен, а неговото отфрлање го поздравија и други високи функционери на ФИФА, меѓу кои генералниот секретар Матијас Графстром и Арсен Венгер, задолжен за глобален развој на фудбалот.Сепак, случувањата отворија сериозни прашања околу позицијата на Инфантино, кој за првпат по изборот за претседател во 2016 година се соочува со посериозен отпор од фудбалските структури. Дополнителен притисок претставува и заедничкото писмо на УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација, во кое беше испратена јасна порака дека „фудбалот не му припаѓа на ниту еден поединец“.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.