ФИФА доживотно ги суспендираше Винсент Касел, поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз на Монсерат, и Басам Адел Џалел, некогашен прв човек на Малдивите, поради финансиски злоупотреби. Касел е казнет и со еден милион швајцарски франци поради злоупотреба на функцијата, конфликт на интереси и ненаменско користење средства на ФИФА и националниот сојуз. Неговиот поранешен генерален секретар Тандик Хјуз доби 15-годишна суспензија и парична казна од 150.000 франци.
Џалел, пак, е санкциониран поради злоупотреба на средства од ФИФА наменети за помош за време на пандемијата. Според медиумите на Малдивите, тој бил осуден на 23 години затвор поради проневера на 1,2 милиони долари, кои биле наменети за локалните клубови. Покрај доживотната суспензија, Џалел доби и казна од еден милион франци, додека поранешниот финансиски директор Мохамед Агил е суспендиран 10 години и казнет со 100.000 франци.

