Кошарка Македонска кошарка

ФИБА го избра Скопје: Отворена Европската минибаскет конвенција!

Главниот град на Македонија деновиве е претворен во европски центар на кошарката за најмладите. Во Скопје официјално се одржува 11. издание на ФИБА Европската минибаскет конвенција, настан кој на едно место собра бројни тренери, едукатори и спортски експерти од целиот континент. Главната цел на овој голем собир е преку размена на современи методологии и практични содржини да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски развој.

На третиот ден од конвенцијата, учесниците во спортската сала „Лазар Лечиќ“ беа поздравени од извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак, кој им посака успешна работа и плодна размена на знаењата. Пред присутните се обрати и генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија, Томче Стојчевски. Тој изрази голема благодарност за укажаната доверба од страна на ФИБА Европа и потенцираше дека ова домаќинство е уште едно големо признание за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младинските категории. Програмата изминатите денови опфати серија стручни предавања и работилници на кои се говореше за важноста на партнерствата, напредните програми во наставата и специфичните вежби прилагодени за минибаскетот.

Големото финале на овој значаен настан е закажано за недела, кога на терените на Кејот на реката Вардар, во периодот од 10 до 12 часот, ќе се одржи традиционалниот Минибаскет фестивал. На него ќе продефилираат повеќе од 300 дечиња и околу 90 тренери, кои преку игра, спортски активности и дружење ќе ја прослават љубовта кон спортот и официјално ќе го заокружат овогодишното успешно издание на конвенцијата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.