Макс Ферстапен стигна до нова победа во Формула 1 шампионатот, доминирајќи во драматичната и хаотична спринт-трка за Големата награда на Сингапур. Холанѓанецот славеше со пет секунди предност пред својот голем ривал Луис Хамилтон во Ферари, додека подиумот го комплетираше вториот возач на италијанскиот тим, Шарл Леклер.
Почетокот на трката на уличната патека „Марина Беј“ доцнеше 30 минути поради силно невреме. На самиот старт Ферстапен ја загуби водечката позиција од Џорџ Расел, но Британецот веќе во вториот круг излета на главниот правец поради аквапланинг. По рестартот и повлекувањето на безбедносното возило, четирикратниот светски шампион рутински одржуваше растојание пред Хамилтон, кој претходно направи одличен пробив од шестата до втората позиција.
Завршницата донесе вистински хаос за екипата на Мекларен. Во последниот круг, додека се бореа за четвртата позиција, актуелниот шампион Ландо Норис направи фатална грешка и удри во својот тимски колега Оскар Пиастри. Австралиецот веднаш се откажа, станувајќи еден од дури осуммината возачи кои не успеаја да го завршат овој кошмарен спринт од 20 круга, додека Норис се спаси на осмото место за само еден освоен бод.
Шарл Леклер со уништени пневматици за дожд успеа да ја одбрани третата позиција од водечкиот во генералниот пласман Кими Антонели, а бодови освоија уште и Лиам Лосон, Оли Берман во Хас и Нико Хилкенберг со Ауди.
Возбудувањата во Сингапур продолжуваат со главните квалификации, додека борбата за Големата награда е закажана за в недела од 14:00 часот.

