Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, кој до неодамна ја демантираше можноста за повторен настап на легендарното рели „Дакар“, зад затворени врати ги започна подготовките за маратонската трка. Овој потег доаѓа во момент на голема неизвесност околу иднината на натпреварувањето во пустините на Саудиска Арабија.
Шпанецот спроведе тестови со прототипот на британската компанија „Продрајв“, возило кое до неодамна беше познато како „Дачија Сендрајдер“. Откако романскиот бренд ја заврши својата програма во овој спорт, британскиот тим интензивно бара нов партнер. Сѐ погласно се шпекулира дека овој проект ќе прерасне во официјална програма на Астон Мартин, што совршено му ја отвора вратата на Алонсо уште еднаш да се проба на суровото пустинско рели.
Инаку, токму со овој прототип Насер Ал-Атија стигна до победата на последното издание на „Дакар“ во јануари, иако организирањето на трката за 2027 година сѐ уште не е официјално потврдено.
Информациите за скриените тестирања во Мароко ги потврди познатиот новинар Жерар Фаре, кој успеа од далечина да направи видео-снимки. На нив се гледа шпанскиот автомобилист облечен во целосно црн комбинезон, додека и самото возило е обоено во црна боја и е без какви било спонзорски реклами и логоа.

