Денешните четири натпревари од 16-финалето во Купот на Македонија донесоа вистински голгетерски фестивал, во кој екипите од елитата без милост ја оправдаа фаворитската улога и со убедливи победи обезбедија пласман во следната фаза.
Најубедливата победа на денот ја оствари составот на Македонија Ѓорче Петров, кој го демолираше Велазерими со нереални 14:0. „Лавовите“ од самиот старт наметнаа пеколно темпо и приредија вистинска демонстрација на сила.
Ништо помалку ефикасна не беше ниту Струга Трим Лум, која на гостувањето кај Победа Валандово славеше со високи 10:1. Во нападот на стружани доминираше Рочи со четири постигнати голови, а посебно внимание привлече и 16-годишниот талент Агон Демири, кој двапати ја затресе противничката мрежа.
Сигурен и ефикасен старт во купот имаа и останатите фаворити. Брера Струмица го реши Венец Неготино со чисти 8:0, додека битолски Пелистер рутински ја заврши работата против Студеничани, славејќи со 6:1.
Куп на Македонија 1/16-финале:
Велазерими – Македонија ЃП 0:14
Победа Валандово – Струга ТЛ 1:10
Венец Неготино – Брера 0:8
Студеничани – Пелистер 1:6

