Денес беа одиграни првите дуели од Плеј-оф фазата на машката кошаркарска МТЕЛ Супер Лига. Фаворитите потешко од очекуваното, дојдоа до своите први победи.
ТФТ славеше победа на домашен терен против екипата на Тиквеш со 80:74. Во еден доста неизвесен натпревар, гостите од Кавадарци, на 90 секунди до крајот имаа и водство од 74:73, но ТФТ во последните напади беше посконцентриран и дојде до победата. Најпрецизен на мечот кај домашната екипа беше Зафиров со 20 поени, а кај гостите од Кавадарци најпрецизен беше Хокинс со 20 поени.
Шампионот МЗТ Скопје, потешко од очекувањата го совладаа тимот на Кожув со 84:75, во првото коло од Плеј-оф фазата. Скопјани се мачеа во текот на поголемиот дел од мечот, но во последната четвртина одгиграа одлично и дојдоа до победа со девет поени разлика. Дамјан Стојановски со 21 поен и 10 скока го предводеше МЗТ Скопје, додека кај Кожув се издвои Бовен со 24 поени и 15 скока.
Во последниот натпревар, Пелистер пред своите навивачи во Битола, славеше победа над Маџари со 84:72. После добриот почеток на гостите од Скопје, домашната екипа издоминира во втората и третата четвртина, направи голема предност, па последната четвртина рутински ја приведоа до крајот. Кај Пелистер најефикасен беше Џенкинс со 30 поени, а во редовите на Маџари се издвои Армстронг со 18 постигнати поени.

