Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

„Фараоните“ во одлично издание, Белгија со автогол се спаси од пораз! (ВИДЕО)

Предвидувањата на светските фудбалски аналитичари дека заминувачката генерација на Белгија може да биде најголемото разочарување на Светското првенство во Северна Америка, добија силна потврда уште на самиот старт. „Црвените ѓаволи“ едвај спасија жива глава на премиерата во групата Г, извлекувајќи реми (1-1) против разиграниот Египет благодарение на среќен автогол во второто полувреме. Иако Белгијците во самиот финиш се разбудија и беа на чекор до целосен пресврт, конечниот исход е можеби и најправеден по сè што се случуваше на теренот во Сиетл.

Египет одигра моќен натпревар и беше далеку подобар противник во првите 60 минути, целосно надигрувајќи ги збунетите и неорганизирани Белгијци кои како воопшто да не очекуваа толку мотивиран ривал. По неколкуте опасни пропуштени шанси на Зизо и Омар Мармуш кои лесно можеа да го решат мечот, „фараоните“ дојдоа до заслужено водство во 19-тата минута. Мохамед Салах испрати перфектно додавање до Емам Ашур, кој со разорен низок удар, исклучително незгоден за голман со висина на Тибо Куртоа, ја затресе мрежата. Овој погодок влегува и во историјата на египетскиот фудбал, како првпат оваа репрезентација да има предност на еден мундијалски натпревар.

Иако Кевин де Брујне уште на самиот старт се обиде со добар удар да го скрши отпорот, избраниците на Хосам Хасан не подлегнаа на притисокот и покажаа фанатична борбеност. Во второто полувреме Белгија конечно тргна на сè или ништо, успеа да го израмни резултатот преку несреќниот автогол на Египќаните, но тоа беше сè што успеаја да направат. Момците во бели дресови херојски издржаа до последниот свиреж на судијата и освоија голем бод, додека Белгијците ги чека сериозна анализа пред продолжението на шампионатот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.