Вардар утре ќе го одигра реваншот против КУПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, а пред македонскиот шампион е исклучително тешка задача по поразот од 0:2 на првиот натпревар во Скопје. Тренерот Кристијан Фабијани порача дека неговиот тим мора да покаже поинаков пристап и пред сè да настапи организирано, без брзање и непотребна паника во обидот да ја анулира негативата.
„Најважно е да го смениме менталитетот. На првиот натпревар игравме добро до моментот кога го примивме голот непосредно пред паузата, што беше голем удар за нас. Свесни сме дека КУПС е во подобар натпреварувачки ритам, бидејќи веќе долго време игра официјални натпревари, но тоа не смее да биде оправдување“, изјави Фабијани.
Стратегот на „црвено-црните“ нагласи дека Вардар нема безглаво да тргне во напад, туку ќе бара паметен и дисциплиниран пристап.
„Не сакам да видиме тим кој очајнички ќе брка голови. Очекувам организиран Вардар, екипа што ќе се бори за секоја топка и ќе биде максимално дисциплинирана. Сè треба да биде плански, со трпение и ред на теренот“, истакна тој.
Фабијани потврди дека на располагање нема да бидат Торес и Босанчиќ, но потенцираше дека нивното отсуство не смее да биде алиби.
„Тие нема да играат, но останатите мора да покажат дека можат да ја преземат одговорноста. Во Вардар нема прв и втор тим, секој што ќе добие можност мора да го даде својот максимум, бидејќи настапува за овој клуб“, порача тренерот на македонскиот шампион.
Вардар ќе се обиде во Финска да приреди големо изненадување и да избори пласман во следната квалификациска рунда, иако пред себе има негатива од два гола од првиот дуел.

