Иако Вардар славеше на гостувањето кај КуПС и ја забележа првата победа под водство на Кристијан Фабијани, македонскиот шампион не успеа да ја надополни негативата од првиот натпревар и го заврши настапот во квалификациите за Лигата на шампионите.
По средбата, Фабијани истакна дека разликата меѓу двата тима најмногу се почувствувала во натпреварувачкиот ритам, бидејќи финскиот првак веќе долго време е во сезона, додека Вардар ги одигра првите официјални натпревари.
„Како што кажав и пред двомечот, КуПС имаше предност затоа што е во полн натпреварувачки ритам. Тие веќе имаат повеќе од десет официјални натпревари, а ние пред овој двомеч немавме ниту еден. Сепак, покажавме дека подготовките биле успешни, одигравме квалитетен натпревар и добри 120 минути. Победивме на тешко гостување и на вештачка подлога, но тоа, за жал, не беше доволно за пласман понатаму“, изјави стратегот на „црвено-црните“.
Фабијани нагласи дека неговиот тим оставил добар впечаток против силен противник и порача дека сега целосниот фокус се насочува кон квалификациите за Конференциската лига. Следен предизвик за Вардар ќе биде двомечот против летонскиот шампион Рига, во кој „црвено-црните“ ќе бараат пласман во следната рунда од европските квалификации.

