По успешно одработените подготовки во Италија, фудбалерите на Вардар се подготвени за првиот европски предизвик во новата сезона. Во таборот на „црвено-црните“ владее оптимизам и верба дека тимот е подготвен да одигра квалитетен натпревар и да обезбеди позитивен резултат пред реваншот.
Тренерот Фабијани нагласи дека подготовките го исполниле очекуваното и дека двомечот ќе бара максимална концентрација од првата до последната минута.
„Зад нас е период во кој работевме напорно и сметам дека сме подготвени за предизвикот. Не го гледам ова како натпревар што ќе го одлучи патникот понатаму, бидејќи пред нас се две средби и секоја минута ќе биде важна. Противникот веќе има натпреварувачки ритам и негува препознатлив стил на игра со многу посед на топката, но ние сме фокусирани на нашата игра и верувам дека можеме да одговориме на вистински начин. Од моето доаѓање во Вардар гледам голем потенцијал. Сè уште има простор за напредок, но со континуирана работа и трпение сакаме клубот да го издигнеме на нивото што го заслужува“, изјави Фабијани.
Оптимист пред натпреварот е и Омерагиќ, кој истакна дека атмосферата во тимот е одлична и дека сите со нетрпение го очекуваат европскиот настап.
„Подготовките поминаа успешно и чувствуваме дека сме подготвени за ова што нè очекува. За Вардар е голема чест повторно да настапува во европските натпреварувања и тоа дополнително нè мотивира. Во моментов размислуваме исклучиво за првиот натпревар и сакаме да извлечеме што подобар резултат, а потоа целосно ќе се насочиме кон реваншот“, изјави Омерагиќ.

