Младиот марокански репрезентативец Ајуб Буади е една од најголемите сензации на овогодинешниот Мундијал, каде со својата неверојатна зрелост и храброст во дуелот против Бразил ги воодушеви фудбалските сладокусци и веднаш се лансираше на радарот на најголемите европски клубови. За фудбалерот на Лил веќе се формираше сериозна опашка од гиганти, па Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Арсенал и Баерн Минхен веќе наголемо ги подготвуваат понудите за негов ангажман. Пари Сен Жермен засега се повлече од оваа трка за да се фокусира на други трансфер цели, додека Реал Мадрид предводен од Жозе Мурињо во моментов има други приоритети на средината од теренот, како Енцо Фернандез.
Секој од заинтересираните тимови има своја спортска математика за младиот играч за врска роден во 2007 година. Јунајтед бара итна замена по заминувањето на Касемиро и најавеното заминување на Угарте, Арсенал во него ја гледа последната сложувалка за европски триумф по годинашното загубено финале во Лигата на шампионите, додека Сити мора да гради нов среден ред за новата ера по заминувањето на Пеп Гвардиола. Баерн Минхен, пак, го има својот скриен „кец во ракавот“ со оглед на тоа што на „Алијанц Арената“ веќе се сели неговиот репрезентативен колега Исмаел Саибари, што може да биде клучен фактор при одлуката.
Францускиот клуб е апсолутно свесен со каков бисер располага во моментов, па раководството нема намера да го пушти Буади за сума помала од 80 милиони евра, со сериозна надеж дека со добри игри во елиминациите на Светското првенство таа бројка лесно ќе достигне закружени 100 милиони евра. Првичниот план на Лил е да го продаде младиот ас, но со клаузула да го задржи во своите редови уште една година како позајмен играч за да го продолжи неговиот правилен фудбалски развој, иако со ваков огромен притисок од најбогатите клубови во светот, тоа сценарио тешко ќе се реализира летово.

