Македонски ракомет Ракомет

Европската есен може да почне. Охрид, Алкалоид и Бутел ги дознаа ривалите во ЕХФ Купот!

Македонксите ракометни клубови ги добија своите противници за претстојната европска есен, откако денешната ждрепка во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена ги одреди сите парови за 2. коло во ЕХФ Купот.

Актуелниот шампион во ова натпреварување, екипата на Охрид, ја започнува одбраната на круната против турскиот претставник Спор Тото. Од друга страна, составот на Алкалоид, кој го подигна истиот овој трофеј пред две сезони, за противник го доби австрискиот тим Ферлах, каде што влегува со улога на сериозен фаворит за пласман во следната фаза.

Своето овогодишно европско крштевање ќе го има и Бутел, кој од клупата го предводи Сојанче Стоилов, кој во балканска пресметка ќе ги одмери силите со хрватска Горица. Првите натпревари за нашите претставници се закажани за 17 и 18 октомври, додека реваншите ќе се одиграат седум дена подоцна.

За жал, Македонија нема да има четири претставници во продолжението од ова европско натпреварување. Екипата на Тиквеш го заврши својот пат уште во првата рунда, откако во двомечот кој се одигра во Кавадарци беше елиминирана од луксембуршкиот Еш.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.