Европската елита повторно пристигнува во Скопје. Вардар вечерва од 18:45 часот ќе го одигра првиот домашен натпревар во новата сезона од Лигата на шампионите, а противник на „црвено-црните“ ќе биде француски Нант. По неколкугодишна пауза, Вардар повторно е дел од најсилното европско клупско натпреварување. Спомените од златната ера, кога скопскиот клуб двапати стигна до европскиот врв, сè уште се живи, но сегашниот тим има поинаква задача – чекор по чекор да се врати меѓу најдобрите.
Иван Чупиќ гради нов состав, а по летните промени очекувано е потребно време за тимот да се воигра. Сепак, тренерот верува дека Вардар има квалитет за да му се спротивстави на Нант и да стигне до првите бодови. Францускиот тим во првото коло славеше против Висла Плоцк со гол во последната секунда, додека Вардар на гостувањето кај Мелсунген беше поразен по голема борба.
Чупиќ посебно ја нагласи важноста на поддршката од трибините, која во минатото често знаела да биде дополнителна сила за „црвено-црните“.
„Сакам да видам вистинска конекција меѓу навивачите и ракометарите. Победа над Нант би ни дала голем ветер во грб за продолжението“, порача Чупиќ.

