Кошарка Меѓународна кошарка

Евролигата носи спектакл во Белград, Партизан ја пречекува Црвена Звезда!

Белград вечерва ќе биде во центарот на европската кошарка, каде што Партизан и Црвена Звезда ќе ги одмерат силите во седмото коло од Евролигата. Натпреварот во „Белградска арена“ започнува во 20:45 часот.

Двата ривали во дербито влегуваат со различна форма. Партизан има три последователни порази и ќе се обиде пред своите навивачи да ја прекине негативната серија. Црвена звезда, пак, е во одличен ритам со четири победи по ред и сака да го продолжи победничкиот налет.

Тренерот на Партизан, Жоан Пењароја, е свесен за посебното значење на дербито и најави дека неговиот тим ќе даде сè од себе за победа, и покрај проблемите со повредите. Неговиот колега од спротивната страна, Ибон Наваро, предупреди дека Партизан игра подобро отколку што покажуваат резултатите и дека домашната атмосфера дополнително ќе го отежни предизвикот.

Двата тима имаат и кадровски дилеми. Капитенот на Партизан, Вања Маринковиќ, сè уште не е подготвен за враќање на теренот, додека настапот на Џонатан Мотли за Црвена Звезда ќе биде неизвесен до самиот натпревар. Партизан по шест кола има три победи и три порази, додека Црвена Звезда е со скор од четири победи и два порази. Сепак, во вакви натпревари формата често паѓа во втор план, а ривалството и атмосферата можат да одлучат кој ќе се радува на крајот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.