Екипата на Арсими ја забележа втората победа во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига, откако на гостувањето кај Шкендија Арачиново на стадионот „Чаир“ триумфираше со сигурни 0-2. Јунак на мечот беше резервистот Каба Јакупи, кој влезе во второто полувреме и со два спектакуларни еврогола го реши победникот.
Натпреварот донесе тактички изненадувања во двата тима уште од самиот старт, а иако домаќините имаа поголем посед на топката, вистинските возбудувања се нижеа на двете страни. Шкендија Арачиново се закануваше преку Адили, Керим и Шаркоски, кој бараше и најстрога казна, додека најзрелата шанса во првото полувреме за гостите од Чегране ја пропушти нивниот капитен Аљбин Рамадани кога излезе сам пред противничкиот голман.
Клучните моменти пристигнаа во второто полувреме со влегувањето на Јакупи. По неколку пропуштени прилики на двете страни, „џокерот“ на Арсими прво постигна фантастичен гол за водство од 0-1, а во самиот финиш со уште еден прекрасен погодок стави печат на победата и ги постави конечните 0-2, обезбедувајќи нови три бода за својот тим.

