Ракометарите на Еурофарм Пелистер останаа без првиот триумф во Европската лига, откако на гостувањето кај полскиот Вибжеже Гдањск одиграа нерешени 31-31 (16-17). Иако македонскиот вицепрвак ја имаше победата в џеб со предност од три гола на четири минути пред крајот, финишот донесе неверојатен пад во играта, па битолчани во последните секунди мораа дури и да го спасуваат освоениот бод.
Капитенот Филип Кузмановски одигра симултанка и со 15 постигнати погодоци го предводеше нападот на битолскиот состав. По почетното водство на домаќините од 2-0, Пелистер брзо одговори со фуриозна серија од 5-0 и ја презеде контролата врз резултатот. Во израмнетиот прв дел гостите постојано диктираа темпо и заминаа на пауза со минимална предност од 16-17, откако голот на Серафимов во последната секунда не беше признат од судиите.
Второто полувреме донесе уште подобра игра на Пелистер. Носен од брзите погодоци на Кузмановски и одличниот Саду Н’Танзи, македонскиот претставник во два наврати одлепуваше на максимални четири позитива (20-24). Сепак, упорните домаќини искористија неколку грешки во нападот на Пелистер, го казнеа исклучувањето на Павле Атанасијевиќ и преку полуконтрата на Чаплински израмнија на 31-31 во 58. минута.
Вистински трилер се одвиваше во последната минута кога Кузмановски изнуди исклучување, но веднаш потоа направи техничка грешка и му подари на Вибжеже напад за целосен пресврт. За среќа на избраниците на Лино Червар, одбраната на Пелистер, надополнета со доброто издание на голманот Хеидаридад, кој собра 11 одбрани, успеа да издржи во последните седум секунди, откако шутот на Томаш Гебала заврши над пречката.

