Ешли Јанг официјално потврди дека се повлекува од фудбалот, ставајќи крај на кариерата која траеше повеќе од 20 години. Својот фудбалски пат го започна во Ватфорд, каде што како младинец се избори за место во првиот тим и му помогна на клубот да влезе во елитата. Вистинскиот подем го доживеа во Астон Вила, каде што стана еден од најдобрите крилни играчи во Англија, што му донесе и трансфер во славниот Манчестер Јунајтед.
На „Олд Трафорд“ помина цели девет сезони, освојувајќи ја Премиер лигата, ФА купот и Лигата на Европа, а во еден период ја носеше и капитенската лента на „црвените ѓаволи“. По престојот во Манчестер, тој успешно се проба во Италија каде со Интер стана шампион во Серија А, пред повторно да се врати во Астон Вила.
Од Астон Вила потоа премина во Евертон, а кариерата ќе ја заврши во второлигашот Ипсвич, кој е на чекор од враќање во Премиер Лигата. Јанг заминува во пензија како еден од најсестраните играчи на својата генерација, почитуван од сите клубови чии бои ги бранеше.

