Меѓународен фудбал Фудбал

Енрике и Артета ги открија адутите: Составите на ПСЖ и Арсенал за европскиот трон!

Очите на комплетната спортска јавност вечерва се насочени кон преубавата „Пушкаш Арена“ во Будимпешта. Пред светот целосно да се препушти на фудбалската треска наречена Светско првенство, Европа ќе го добие својот нов или „стар“ владетел. Ова е историски момент, за првпат во едно големо европско финале силите ќе ги одмерат клубови од Франција и Англија.

Новиот премиерлигашки шампион, Арсенал, конечно ги скрши клетвите на домашен терен и по повеќе од две децении се искачи на тронот во Англија. Сега, избраниците на Микел Артета сакаат да одат чекор понатаму и да ја исправат неправдата од пред точно 20 години, кога беа поразени од Барселона.

Од другата страна стои актуелниот владетел ПСЖ. Откако со години доминираа во Лига 1, но доживуваа срцеболки во Европа, минатата година конечно го кренаа пехарот. Вечерва, момците на Луис Енрике играат за бесмртност, сакаат да станат само третиот клуб во историјата (по Реал Мадрид и Милан) кој успеал да ја одбрани европската круна.

Луис Енрике ги надмина главоболките со повредите. Клучните бекови Хакими и Нуно Мендеш се подготвени и почнуваат од првата минута, а во нападот се враќа и целосно заздравениот Усман Дембеле. Парижаните излегуваат со застрашувачки, офанзивен состав:

  • Голман: Сафонов

  • Одбрана: Хакими, Маркињос, Пачо, Нуно Мендеш

  • Средина: Витиња, Жоао Невеш, Фабијан Руиз

  • Напад: Дуе, Дембеле, Кварацхелија

„Топчиите“ влегуваат во овој меч со неколку изненадувања. Каи Хаверц го предводи нападот, додека Ѓокереш и Езе својата шанса ќе ја чекаат од клупата. Најголемата вест е младиот Мајлс Луис-Скели, кој добива доверба во средниот ред по брилијантните партии во полуфиналето. Мадуеке и Тимбер успеаја да се закрпат за да бидат на клупата, додека Бен Вајт е дефинитивно отсутен.

  • Голман: Раја

  • Одбрана: Москера, Салиба, Габриел, Инкапие

  • Средина: Рајс, Луис-Скели, Едегард

  • Напад: Сака, Тросар, Хаверц

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.