Меѓународен фудбал Фудбал

Емотивно простување на Един Џеко од репрезентативниот дрес (ВИДЕО/ФОТО)

Точно шест децении по денот кога легендарниот Асим Ферхатовиќ – Хасе го одигра својот последен меч, Босна и Херцеговина доживеа уште еден историски и длабоко емотивен фудбалски момент. На стадионот „Билино Поле“ во Зеница, во атмосфера исполнета со почит и солзи, Един Џеко за последен пат истрча во омилениот дрес со бројот 11, затворајќи го златното поглавје од својата речиси дводецениска репрезентативна кариера.

Прошталниот натпревар во рамките на третото коло од Б-дивизијата во Лигата на нации донесе драматично реми против Шведска од 1-1. Гостите дојдоа во водство со погодокот на Виктор Ѓокереш во 61. минута, а бод за домашниот састав избори младиот Керим Алајбеговиќ во 80. минута. Сепак, самиот резултат вечерва падна во втор план. Целата нација му оддаде почит на својот најголем фудбалер, чиј џиновски дрес со бројот 11 претходно беше истакнат кај споменикот „Вечна ватра“ во срцето на Сараево.

Џеко дебитираше за националниот тим во јуни 2007 година против Турција со погодок како 21-годишен талент. Потоа следуваше култниот прекар „Дијамант“, што му го даде коментаторот Марјан Мијајловиќ во 2009 година, за да го достигне зенитот предводeјќи ја целата генерација до историскиот пласман на Светското првенство во Бразил 2014 година. Зад своето име остава импресивни 152 настапи и 73 голови за БиХ, но и статус на еден од најголемите и најконзистентни централни напаѓачи од екс-ЈУ просторите во 21 век, потврден со 29 погодоци во Лигата на шампионите и трофеи во Германија и Англија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.