Легендарниот шкотски стратег Сер Алекс Фергусон во искрено интервју за „Би-Би-Си“ се присети на најтешките моменти од својот живот по итната операција поради крварење во мозокот во 2018 година, како и на емотивниот момент кога за првпат се врати меѓу навивачите на Манчестер Јунајтед.
Четири месеци по излегувањето од интензивна нега, 84-годишниот трофеен тренер се појави на трибините на дуелот против Вулверхемптон, момент кој кај него предизвикал огромен страв и несигурност пред да го доживее громогласниот пречек од публиката.
„Би сакал да кажам дека бев опуштен, но вистината е дека бев преплашен бидејќи не знаев каква ќе биде реакцијата на луѓето. Но, кога ме најавија и кога стадионот стана на нозе, емоциите не преплавија. Мојата сопруга за малку ќе заплакаше. Тој момент покажа колкава е великодушноста на нашите навивачи и нивното почитување кон сè што оставив во клубот.“
Покрај стравот од враќањето на стадионот, Фергусон откри и еден од најдраматичните детали од процесот на рехабилитација, целосното губење на говорот по операцијата, поради што во првите денови не можел да изусти ниту еден збор пред своите внуци.
Благодарение на упорните вежби со логопед и терапевт, кои вклучувале запишување имиња на животни, птици и реки, легендарниот менаџер успеал целосно да го врати својот глас. Иако со години се плашеше дека операциите може да му ја нарушат меморијата, денес Сер Алекс се чувствува одлично, редовно го следи својот сакан клуб од ложата на „Олд Трафорд“ и докажува дека неговиот шампионски дух е нескршлив.

