Фудбалот и високата политика повторно ги вкрстија копјата на највисоко ниво. Како што пренесува угледниот економски медиум „Блумберг“, Обединетите Арапски Емирати извршиле директен дипломатски притисок врз Владата во Лондон, предупредувајќи дека драконска казна за Манчестер Сити сериозно би ги загрозила идните арапски инвестиции во Обединетото Кралство.
Суштината на конфликтот лежи во обемниот процес што Премиер лигата го води против англискиот шампион за прекршување на финансискиот фер-плеј. Лидерите од Абу Даби, кои управуваат со клубот уште од 2008 година преку инвестицискиот фонд на шеикот Мансур бин Зајед, на британските дипломати јасно им ставиле до знаење дека евентуални строги санкции или принудна продажба на тимот од „Етихад“ драматично би го намалиле нивниот „апетит“ за нови капитални вложувања во британските сектори за одбрана, наука и технологија.
Британскиот премиер Енди Барнам исто така ја коментираше сложената ситуација, изразувајќи загриженост од евентуалното сценарио во кое Емиратите целосно би се повлекле од англискиот спорт:
„Би било исклучително загрижувачки доколку англискиот фудбал остане без сопствениците од Емиратите и нивните долгогодишни вложувања.“
Случајот што го тресе англискиот фудбал ги опфаќа обвинувањата за покривање на над една милијарда евра преку надувани спонзорски договори во периодот од 2009 до 2018 година. Покрај потенцијалните енормни парични казни и одземање бодови од страна на лигата, Манчестер Сити се соочува и со можни приватни тужби од оштетените ривалски клубови, што целата сметка би ја искачило до астрономски цифри.
Иако најавите за финансиски бојкот ги разгневија дел од официјалните претставници во Лондон кои бараат независност на спортското правосудство, конечната пресуда за овој историски спортско-политички процес се очекува да биде донесена во јануари.

