Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и официјално беше промовиран како ново засилување за италијанската Аталанта. На прес-конференцијата во Бергамо, македонскиот фудбалер беше претставен од спортскиот директор Кристијано Џунтоли, кој истакна дека доаѓањето на Елмас била можност што клубот веднаш ја искористил за доведување играч во цутот на кариерата со речиси 200 настапи во Серија А.
„Елмас е играч кој може да ни даде многу. Тој го познава стилот на игра на Маурицио Сари многу добро и се чувствува удобно на повеќе позиции на теренот, без разлика дали во линијата за среден ред или на надворешните позиции“, изјави Џунтоли.
Нашиот репрезентативец не го криеше задоволството од преселбата во Бергамо и веднаш ги истакна високите амбиции во новиот дрес.
„Прво би сакал да им се заблагодарам на раководството и на спортскиот директор за довербата. Не морав двапати да размислувам кога се појави оваа можност бидејќи Аталанта е врвен клуб, што го докажа и со освојувањето на Лигата на Европа. Играв на многу различни позиции во кариерата, па можам да се адаптирам каде што е потребно. Навивачите тука се неверојатно страствени, пеат од првата до последната минута и се дополнително оружје за нас“, порача Елмас.

