Македонската фудбалска репрезентација повторно остана без бодови во Лигата на нации, а по новиот неуспех разочарувањето кај репрезентативците е огромно. Македонија на домашен терен загуби од Шкотска со 0-2, во натпревар во кој не успеа да го покаже нивото што се очекува од националниот тим. По натпреварот, Ељиф Елмас не бараше оправдувања. Еден од најискусните македонски репрезентативци призна дека тимот одиграл далеку под своите можности и порача дека од ваквиот период мора да се извлечат поуки.
„Искрено, не знам што да кажам. Игравме многу лошо, реално многу лошо. Во моментов тешко е да се зборува. Шкотска заслужено победи и тоа е тоа. Тешко им е на сите, а и мене ми е тешко“, рече Елмас.
Македонија се најде во исклучително тешка ситуација, со трет пораз во третиот натпревар од актуелното издание на Лигата на нации. Елмас призна дека актуелната ситуација е болна, особено ако се има предвид она што оваа генерација успеа да го постигне во претходниот период.
„Треба да извлечеме поуки и да научиме од овој пораз. Седум натпревари, седум порази и нула постигнати голови. Мене ми е најтешко, бидејќи по тоа што го направивме во минатото, не е лесно да се биде дел од овој тежок период“, додаде македонскиот репрезентативец.
Елмас смета дека нема простор за бегање од реалноста и дека сите мора да прифатат дека моментално се под нивото потребно за ваква конкуренција.
„Некогаш мора да се кренеме од оваа бездна, бидејќи може да биде уште полошо. Мора да ги спуштиме главите долу, да се соочиме дека сме под нивото во оваа група и само да гледаме да се подобриме“, заклучи Елмас.
За Македонија сега следува нов сериозен предизвик. Првата можност за прекин на негативната серија ќе биде гостувањето кај Швајцарија во Луцерн, каде што македонската репрезентација ќе се обиде да стигне до првите бодови во групата.

