Италијанската јавност е здрмана од огромен скандал по апсењето на четири лица обвинети за организирање на луксузни оргии и експлоатација на проституција, во кои биле вклучени звучни имиња од светот на спортот и естрадата. Истрагата на миланското обвинителство откри дека специјализирана агенција за настани нудела ексклузивни „пакети“ за богати клиенти, кои вклучувале вечери во елитни ноќни клубови, престој во скапи хотели и придружба од ескорт-девојки за суми од неколку илјади евра. На списокот од педесетина клиенти се наоѓаат познати фудбалери од Серија А и неименувани Ф1 возачи, а целиот нелегален бизнис остварил обрт од над 1,2 милиони евра.
Интересен детаљ од истрагата е масовната употреба на „весела гас“ за време на забавите, супстанца која предизвикува еуфорија, но не остава траги при допинг-тестовите, што ја правело привлечна за професионалните спортисти. Девојките биле ангажирани за настани во Милано и на грчкиот остров Миконос, додека заработката се делела наполовина со организаторите кои профитот го переле преку легални фирми. Финансиската полиција веќе заплени имот кој не соодветствува со пријавените приходи на осомничените, додека имињата на ѕвездите засега се чуваат во тајност под строг надзор на обвинителката Бруна Албертини. Овој случај ја разоткри темната страна на миланскиот ноќен живот, каде што таканаречената „аристократија“ уживала во недозволени услуги по завршувањето на натпреварите.

