Фудбалската федерација на Египет реши да не премолчи по контроверзната елиминација во осминафиналето на Светското првенство и поднесе официјална жалба до ФИФА. „Фараоните“ бараат истрага за делењето на правдата на натпреварот против актуелниот светски првак Аргентина, насочувајќи го гневот кон главниот арбитар Франсоа Летексие.
Во поднесениот протест, Египќаните се жалат на две клучни ситуации кои директно влијаеја врз конечниот резултат. Првата е поништениот гол на Мостафа Зико на почетокот на средбата поради наводен мал прекршок на почетокот на акцијата, иако францускиот судија првично дозволи предност и го призна погодокот. Втората голема замерка е за недосудениот пенал во корист на Египет во моментите пред Аргентина да тргне во напад и да го постигне третиот, одлучувачки гол за победа.
По натпреварот, напаѓачот Зико и селекторот Хосам Хасан отворено ги нападнаа судијата и светската куќа на фудбалот за пристрасност, а со овој потег федерацијата комплетно застана зад нивните тврдења. Сепак, јасно е дека ФИФА речиси никогаш не ги менува резултатите по завршувањето на мечевите. Најмногу што може да произлезе од оваа истрага е евентуална суспензија за Летексие до крајот на шампионатот во Северна Америка.

