Кошаркарите на Работнички забележаа победа на вториот пријателски натпревар против Војводина во текот на викендот. Македонскиот состав славеше со 77:72 и на најдобар начин одговори по поразот на првиот меѓусебен дуел. Работнички претходно загуби со 69:87, но во вториот натпревар одигра многу поконкурентно и во неизвесна завршница успеа да стигне до триумф.
Војводина имаше предност од 63:64 на пет минути до крајот, но Работнички во клучните моменти одигра посигурно, направи пресврт и го приведе натпреварот во своја корист за конечни 77:72. Најефикасен во составот на Работнички беше Виктор Ефремовски со 24 поени. Трајанов и Рикиќ постигнаа по 11, додека Робев заврши со 10 поени.
За Работнички ова беше еден од посериозните тестови во подготвителниот период, а тимот сега го очекува уште една последна проверка пред почетокот на официјалните натпревари. Последниот контролен натпревар „црвено-белите“ ќе го одиграат во вторник во Кавадарци, каде што ќе се соочат со Тиквеш.

