Уругвајскиот голгетер Единсон Кавани и официјално ја заврши својата авантура во аргентинскиот гигант Бока Јуниорс, откако двете страни спогодбено го раскинаа договорот. Со ова се стави крај на приказната која траеше нецели две години, а славниот 39-годишен напаѓач си заминува од Буенос Аирес со горчлив вкус и без ниту еден освоен пехар.
Иако неговото доаѓање предизвика огромна еуфорија меѓу навивачите, најблиску до слава Бока беше во 2023 година кога стигна до големото финале на Копа Либертадорес, каде што сепак остана без престижниот трон.
Главната причина за ваквиот предвремен епилог се честите повреди кои сериозно го мачеа поранешниот ас на Наполи, ПСЖ и Манчестер Јунајтед во последно време. Поради физичките проблеми тој ретко беше на располагање во клучниот дел од сезоната, што го натера и новиот стратег на тимот, Родолфо Аруабарена, целосно да го прецрта искусниот стрелец од своите планови за иднината.
Кога беше максимално фит, Уругваецот редовно ја потврдуваше својата класа, па така на 81 натпревар во сино-жолтиот дрес успеа да постигне 28 голови. Сепак, суровата статистика вели дека тој само на 27 меча ги одигра комплетните 90 минути, што беше премалку за клуб со реноме на Бока. Кавани сега како слободен играч ќе бара нова средина, доколку во меѓувреме не реши дефинитивно да стави крај на кариерата.

