Меѓународен фудбал Фудбал

Еди Хау си замина од Њукасл, Јајсле е негов наследник?

Еди Хау повеќе нема да биде менаџер на Њукасл, со што официјално завршува една од најуспешните епохи во новата историја на клубот. Англискиот стручњак се повлекува по речиси пет години поминати на клупата, а раководството веќе ја пронајде неговата замена во името на 38-годишниот Матијас Јајсле, кој пристигнува од редовите на саудискиот Ал Ахли.

Разделбата доаѓа по турбулентен период и разочарувачка сезона во која „страчките“ завршија дури на 12. место во Премиер лигата. Трпението на Хау препукна по масовната распродажба на главните носители на играта во овој преоден рок, откако Александер Исак премина во Ливерпул, Сандро Тонали замина во Тотенхем, а Ентони Гордон го облече дресот на Барселона. Неизвесна е и иднината на капитенот Бруно Гимараеш, за кого сериозен интерес покажува Арсенал.

Хау го презеде Њукасл во ноември 2021 година, во момент кога тимот се наоѓаше на 19. позиција и се бореше за опстанок. Под негово водство клубот доживеа експресен пресврт, стигна до четвртото место и избори пласман во Лигата на шампионите, а круната на неговиот мандат беше освојувањето на Лига купот во 2025 година, со што беше прекинат трофејниот пост долг цели седум децении. Англичанецот го предводеше тимот на 231 натпревар и оствари 116 победи.

Негов наследник ќе биде германскиот стратег Матијас Јајсле, кој претходно со голем успех го водеше Салцбург, а од 2023 година работеше во Ал Ахли, клуб кој исто така се наоѓа под контрола на саудискиот Јавен инвестициски фонд. Пред Јајсле е сериозен предизвик да го стабилизира тимот без главните ѕвезди, додека Хау најави пауза од фудбалот, иако неговото име веќе се споменува меѓу кандидатите за иден селектор на Англија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.