Составот на кошаркарската Суперлига за сезоната 2026/27 сè уште не е целосно познат, откако еден клуб не успеа да ги исполни условите за добивање лиценца. КФМ ќе отвори дополнителен рок за пријавување на заинтересирани екипи, кои ќе мора да ги исполнат сите финансиски, организациски и инфраструктурни критериуми. Од Федерацијата нагласија дека нема автоматска промоција за следнопласираните клубови од Првата лига, бидејќи првопласираниот тим веќе го задржува правото на настап во елитата.
Според претходните информации на КФМ, Маџари и ТФТ Скопје ги регулирале своите обврски и веќе го формираат тимот за новата сезона, што остава Чаир 2030 како клуб кој најверојатно не ги исполнил условите за лиценца. По истекот на рокот за пријавување, Комисијата за лиценцирање ќе ја провери документацијата, а Управниот одбор на КФМ ќе ја донесе конечната одлука за составот на Суперлигата.

