Меѓународен фудбал Фудбал

Два гола на Мерино за голем пресврт, Шпанија ја освои Хрватска (ВИДЕО)

Шпанија покажа карактер во Сплит и со целосен пресврт стигна до победа од 2:1 против Хрватска. Домашната селекција имаше резултатска предност, но второто полувреме донесе целосна промена на текот на натпреварот, а човекот на одлуката беше Микел Мерино.

Халфот влезе во игра како резерва и за само едно полувреме постигна два гола, со кои ја донесе Шпанија до важни три бода. Хрватска, пак, во завршницата мораше да игра со десетмина поради исклучувањето на Иван Перишиќ. Гостите уште во првиот дел најавија дека нема да се задоволат со негативниот резултат. Ламин Јамал беше најактивниот во нападот на Шпанија, а во една ситуација биеше од добра позиција, но топката заврши само во надворешниот дел од мрежата.

По паузата Шпанија дополнително го засили притисокот. Јамал повторно беше во центарот на вниманието, откако падна во шеснаесетникот по дуелот со Доминик Ливаковиќ, но судијата не покажа на белата точка и процени дека нема основа за пенал. Само неколку минути подоцна, Шпанија повторно беше многу блиску до израмнување. Јамал испрати опасна топка низ казнетиот простор, но Дани Олмо за малку не успеа да ја зафати и да ја испрати во мрежата.

Продолжениот притисок конечно даде резултат. По една добро организирана акција, топката стигна до Мерино во срцето на шеснаесетникот, а тој со прецизен удар го совлада Ливаковиќ и го врати натпреварот на почеток – 1:1. Хрватска и покрај притисокот имаше своја шанса за повторно да поведе. По грешка во одбраната на Шпанија, Иван Перишиќ се најде во добра позиција, но Унаи Симон со одлична интервенција го спречи неговиот удар.

Клучниот момент се случи во 69. минута. Перишиќ влезе во дуел со Марк Кукуреља и со нагазување го заработи вториот жолт картон. Судијата остана на својата одлука и по проверката на ВАР, па Хрватска мораше да продолжи со играч помалку. Шпанија веднаш ја искористи бројчаната предност. Мартин Субименди со одлично додавање зад последната линија ја пронајде Мерино, кој фантастично се снајде во шеснаесетникот, се ослободи од чуварот и со силен удар во горниот агол го матираше Ливаковиќ за целосен пресврт. До крајот Хрватска немаше сили за нов одговор, а Шпанија рутински го приведе натпреварот до крај и го потврди триумфот.

На крајот, едно полувреме беше доволно за Мерино од резерва да се претвори во херој на шпанската репрезентација. Хрватска, пак, ќе жали за пропуштената предност и за моментот кога Перишиќ го остави тимот со десет играчи, што се покажа како пресудно за конечниот исход.

 

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.