ФИФА воведе нови, уште поскапи категории на влезници за претстојното Светско првенство во фудбал, со што цените за одредени натпревари достигнаа рекордно високи нивоа. Како што пренесува „Асошиејтед прес“, најголем пораст е забележан кај влезниците за премиерниот настап на домаќинот САД против Парагвај во Инглвуд, Калифорнија.
Иако минатата недела максималната цена за „Категорија 1“ за овој натпревар изнесуваше 2.735 долари, ФИФА сега воведе нови подкатегории кои чинат неверојатни 4.105 долари. Промени има и кај „Категорија 2“, каде што новите цени на официјалниот сајт за продажба се движат помеѓу 1.940 и 2.330 долари.
Ниту натпреварот за титулата не помина без корекции. По рестартирањето на продажбата, кое беше проследено со бројни технички проблеми, ФИФА ја подигна цената за најскапите места за финалниот натпревар на фрапантни 10.990 долари. За споредба, по ждрепката во декември, истите овие билети се продаваа за 8.680 долари.
Финалето како „празник“ за милионери!

