Македонски фудбал Фудбал

Драма во Кавадарци: Шкендија Арачиново преку пенал-рулет го испрати Пелистер во втора лига!

Македонскиот фудбал уште еднаш докажа дека може да понуди натпревари полни со адреналин, неизвесност и нереални пресврти до последната секунда. Бараж-дуелите секогаш носат посебна тежина, каде што границата меѓу славењето и очајот е премногу тенка, а притисокот врз играчите е огромен. Токму вакво сценарио и вистински фудбалски трилер видовме на денешниот клучен натпревар кој одлучуваше за патникот во домашната елита.

Битолски Пелистер не успеа да го сочува прволигашкиот статус и следната сезона се сели во Втората лига, откако по вистинска драма на Градскиот стадион во Кавадарци загуби на пенали од мотивираниот тим на Шкендија Арачиново. Иако „зелено-белите“ со нереален гол во 97. минута се спасија од пораз во регуларниот дел, сепак во пенал-рулетот застанаа пред бедемот наречен Антонио Столевски, голманот кој стана апсолутен херој за арачиновци и ги лансираше во Првата лига.

По претпазливото прво полувреме, вистинскинска драма гледавме во вторите 45 минути. Шкендија Арачиново прва го зададе ударот преку Назифи, кој по една одлична и брза контра мајсторски се снајде во шеснаесетникот на битолчани и ја затресе мрежата за водство. Пелистерци веднаш тргнаа во тотална офанзива, фрлајќи сè на една карта. Набрзо добија и златна шанса за израмнување преку најстрога казна, но искусниот Мирко Ивановски доживеа вистинско фијаско, неговиот удар од белата точка беше одбранет, а одбиената топка наместо во мрежата, ја лансираше високо над голот.

Шок во 97. минута и ВАР драма на пеналите

Кога сите го отпишаа Пелистер, битолчани покажаа карактер. Откако прво ја погодија гредата, во судиското продолжение, поточно во 97. минута, Спировски одлично асистираше до Петковски, кој погоди за 1-1 и избори пенал-рулет.

Серијата пенали донесе холивудско сценарио, откако Столевски го одбрани првиот пенал за Пелистер. Пред крајот, во серијата број пет, голманот на Шкендија го одбрани ударот на Ристевски и започнува славење, но судијата Стојчевски добива сигнал од ВАР собата, одлуката е следна… голманот Столевски ја напуштил гол линијата, и пеналот мораше да се повтори. Ристевски погодува од вториот обив за 4-4.

Нухија имаше прилика да го реши победникот, но неговиот удар го одбрани голманот Јовчевски.

Во серијата број шест, Столевски пак блеснува со одбрана, но арачиновци веднаш возвраќаат со промашување, откако Јовчевски со помош на дирекот спасува гол.

Во клучниот момент, трагичар на крајот излезе спасителот од регуларниот дел, Петковски. Неговиот удар во осмата серија го скроти расположениот Столевски, по што Дервиши ладнокрвно погоди во следниот обид и донесе историски триумф за Шкендија Арачиново.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.