Светското првенство во фудбал отсекогаш било сцена каде најголемите ѕвезди го покажуваат својот магичен талент, но за најголемата бразилска икона, овој собир може да заврши пред воопшто и да започне. Нацијата која живее за фудбалот е во состојба на шок по последните медицински извештаи кои пристигнаа директно од таборот на „кариоките“.
Главниот лекар на репрезентацијата, Родриго Ласмар, ги потврди црните прогнози. Нејмар заработи мускулна повреда од втор степен на листот на ногата. Оваа дијагноза значи дека на напаѓачот ќе му бидат потребни меѓу 14 и 21 ден за целосна рехабилитација. Иако неговото име се најде на конечниот список од 26 фудбалери за Мундијалот, трката со времето за негов настап веќе започна. Според зборовите на Ласмар, медицинскиот тим веднаш започнал со интензивни и специфични терапии за да го оспособи играчот за игра.
Оваа загрижувачка вест доаѓа веднаш по неговото гламурозно пристигнување во тренинг центарот во Рио де Жанейро, каде што Нејмар слета со својот приватен хеликоптер. Таму беше срдечно пречекан од новиот селектор, италијанскиот стратег Карло Анчелоти. Сепак, наместо со топка на теренот, првата ѕвезда на тимот веднаш се пресели во амбулантата и ги пропушти воведните тренинзи. Од претходно беше дефинирано дека тој нема да настапи на подготвителните пријателски средби, но сега неговото отсуство од клучните мундијалски натпревари станува реална и застрашувачка опција за Бразил.

