Полни трибини, голема борба и неизвесност до последниот напад беа сликата од Охрид, каде што „гладијаторите“ и Еурофарм Пелистер одиграа 28-28. Дербито имаше сè што му прилега на голем натпревар, а победникот на крајот го одлучи една секунда.
Битолчани подобро го отворија мечот и во неколку наврати имаа предност, но Охрид успеваше да одговори и на полувреме се замина со 14-13 за домаќините. Во вториот дел продолжи резултатската клацкалка, без ниту еден тим да успее да создаде посериозна разлика. Во драматичната завршница Охрид поведе со 28-27 преку Мате, но Пелистер доби последен напад. Топката стигна до Петар Атанасијевиќ, кој во последната секунда погоди за конечни 28-28 и голем бод за гостите.
Мате беше убедливо најдобар стрелец кај Охрид со 11 гола, додека капитенот на Пелистер, Филип Кузмановски, постигна 10. Во листата на стрелци кај домаќините се запиша и Ојлески со четири погодоци, додека голманите Славиќ и Митревски имаа по пет интервенции. На крајот, двата тима мораа да се задоволат со по еден бод по вистински ракометен спектакл во „Билјанини Извори“.

