Кливленд Кавалирс завршија огромна работа за иднината на франшизата и го осигураа потписот на својот најдобар кошаркар. Донован Мичел не ја менува средината и се договори за нова четиригодишна соработка. Според информациите на добро информираниот НБА инсајдер Шемс Чаранија, раководството на клубот морало да ја понуди максималната сума за да го задржи својот лидер, па одличниот бек за верноста ќе добие фантастични 273 милиони долари.
Мичел имаше важечки договор за уште една сезона, но реши да ја одбие играчката опција за да потпише долгорочен сојуз со тимот од Охајо. Новиот договор официјално започнува од сезоната 2027/2028. Финансиската динамика покажува дека неговата плата етапно ќе расте со секоја измината година. Во првата сезона тој ќе инкасира 60,9 милиони долари, додека во последната година од договорот неговата заработка ќе достигне неверојатни 75,5 милиони долари.
Останувањето на седумкратниот Ол-стар играч е голем чекор напред за Кавалирс, но пред управата сега е предизвикот да му изгради тим кадар за највисоки дострели. Мичел веќе со години важи за еден од најдобрите бекови во најсилната лига на светот, но воедно и за еден од најквалитетните кошаркари кои сè уште немаат шампионски прстен. Зад него е една од најпродуктивните сезони во кариерата, која ја заврши со одличен просек од 27,9 поени, 5,7 асистенции и 4,5 скокови по натпревар.

