Кошарка Меѓународна кошарка

Дончиќ повторно во свој елемент, 21 поен на враќањето во дресот на Лејкерс

Лука Дончиќ конечно се врати на кошаркарскиот терен, а паузата од неколку месеци воопшто не остави трага врз неговиот учинок. Словенечкиот ас одигра само едно полувреме против Сакраменто Кингс, но и тоа му беше доволно за 21 поен во победата на Лос Анџелес Лејкерс. Дончиќ беше на паркетот 16 минути во првиот подготвителен натпревар на Лејкерс пред новата НБА сезона, по што неговиот настап беше завршен според однапред планираниот распоред.

За него, сепак, најважно беше повторно да го почувствува натпреварувачкиот ритам. Поради повредата, сезоната ја заврши порано, а дополнителна пауза следуваше и во текот на летото, кога не настапи за репрезентацијата на Словенија.

„Се чувствував одлично. Кошарката е една од најдобрите работи во мојот живот и многу ми недостигаше. Поминаа можеби пет или шест месеци. Повторно да играм натпревари и да се натпреварувам е огромно задоволство. Многу сум среќен што се вратив“, изјави Дончиќ.

Словенецот посочи дека токму отсуството од репрезентативните обврски му овозможило да се врати посвеж, без да прави големи промени во својот пристап.

„Не променив многу работи. Веројатно само сум малку поодморен. Не играв за репрезентацијата и тоа беше разликата“, објасни тој.

Лејкерси во подготовките ставаат посебен акцент на агресивната одбрана и притисокот по целиот терен, нешто што Дончиќ го издвојува како еден од важните сегменти во играта на новиот тим. Посебно ги пофали Заир Вилијамс и Матис Тајбул за нивната енергија во дефанзивата, нагласувајќи дека нивниот ангажман влијае позитивно и врз останатите кошаркари.

„Не се работи само за мене, туку за тоа како целиот тим се чувствува кога играме заедно. Покажавме дека можеме да играме многу добро, особено во транзицијата од одбрана во напад, но сè уште имаме многу простор за напредок. Многу сум среќен што сум дел од овој тим“, додаде Дончиќ.

Следниот тест за Лејкерси ќе биде гостувањето кај Голден Стејт во Сан Франциско. Токму против истиот противник тимот од Лос Анџелес ќе ја отвори и регуларната сезона, на 21 октомври.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.