Лука Дончиќ дефинитивно нема да настапи за репрезентацијата на Словенија во претстојните квалификации за Мундобаскетот. Кошаркарскиот суперстар потврди дека оваа одлука била донесена одамна и е конечна, а главната причина се неговите ќерки и желбата да му се посвети на семејството. Асот на Лос Анџелес Лејкерс нагласи дека повредите се веќе минато, па моментално формата ја одржува со индивидуални тренинзи, но и со играње голф во природа каде што го наоѓа потребниот мир. На своите репрезентативни колеги им посака многу успеси и победи во претстојниот циклус.
Иако Словенците ќе бидат без својот најдобар кошаркар, националниот тим добива огромно засилување под кошевите. Нов член на селекцијата ќе биде токму соиграчот на Дончиќ од Лејкерс, центарот Џексон Хејс. Иако Лука појасни дека тој лично не бил вклучен во процесот на неговото носење во тимот, изрази големо задоволство и потенцираше дека Хејс е фантастичен атлет кој ќе донесе огромна цврстина и квалитет во редовите на Словенија.

