Новата сезона во Суперлигата е пред самиот почеток, а Куманово влегува во шампионатот со оптимизам и јасна цел, уште од првото коло да покаже дека е подготвено за големите предизвици. Искусниот тренер Марин Докузовски е задоволен од подготовките и смета дека екипата добро го искористила периодот пред почетокот на првенството.
„Задоволни сме од сработеното. Напорно трениравме и добро се подготвивме физички и тактички. Имаме уште простор за напредок, но стартот го дочекуваме подготвени“, вели Докузовски.
Предводникот на Куманово очекува интересна и неизвесна сезона, особено поради засилените состави на голем дел од суперлигашите. Според него, тимската игра, дисциплината и борбеноста ќе бидат меѓу главните адути на неговиот состав. Добриот почеток, пак, може да биде дополнителен поттик за екипата.
„Победата на стартот е многу важна за самодовербата. Сакаме уште од првиот натпревар да покажеме енергија, карактер и дисциплина. Ќе се бориме на секој натпревар и ќе дадеме максимум за нашиот клуб“, порача Докузовски.
Куманово сезоната ќе ја отвори со исклучително тежок предизвик, гостувајќи кај МЗТ Скопје во Аеродром во рамките на првото суперлигашко коло.

