Македонски фудбал Фудбал

Дисциплинска постапка и суспензија на стадионот „Башкими“

Врз основа на доставениот записник и делегатски извештај од натпреварот помеѓу ФК Башкими 1947 Куманово и ФК Струга Трим Лум Струга, одигран во рамки на 28. коло од Прва МФЛ, на 19.04.2026 година на стадионот „Башкими“ во Куманово, Комисијата за натпревари при ФФМ констатира сериозни нарушувања на редот и безбедноста по завршувањето на натпреварот.

Имено, по завршување на средбата, додека делегатот и судиската екипа сè уште се наоѓале на теренот, настанал инцидент во кој биле нападнати играчи и претставници на гостинската екипа од страна на лица поврзани со домашниот клуб и редарската служба. Во инцидентот се вклучило и лицето Бурак Хида, кое не било заведено во записникот, а кое физички го нападнало претставникот на гостинската екипа, Шаќири Мифтар, нанесувајќи удар во пределот на градите, по што следувале и вербални навреди и недолично однесување кон повеќе членови на гостинскиот тим.

Инцидентот траел околу 10 до 15 минути, по што со интервенција на полициските службеници, делегатот и судиската четворка биле безбедно спроведени во службените простории. Дополнително, делегатот побарал засилено полициско присуство со цел да се овозможи безбедно напуштање на стадионот од страна на гостинската екипа.

Согласно член 75-в и член 77-г од Правилникот за натпревари на ФФМ, Комисијата за натпревари донесе одлука за суспензија на теренот на стадионот „Башкими“ во Куманово до донесување конечна одлука. Воедно, против ФК Башкими 1947 Куманово и лицето Бурак Хида се покренува дисциплинска постапка, а предметот се доставува на понатамошно постапување пред Дисциплинската комисија на ФФМ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести