Младиот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска, Јан Диоманде, израсна во еден од најважните фудбалери на Реал Мадрид и стана речиси незаменлива алка во тимот на Жозе Мурињо. Офанзивецот беше стартер на седум натпревари оваа сезона, а „кралскиот клуб“ оствари исто толку победи. Неговиот експлозивен напредок е посебно видлив по репрезентативната пауза, каде што учествуваше во дури шест голови (три погодоци и три асистенции). Покрај тоа што им создава огромни проблеми на противничките одбрани, каде според успешни дриблинзи (34) е веднаш зад Килијан Мбапе, иако Французинот има одиграно дури 512 минути повеќе, Диоманде импресионира и со топовскиот шут од дистанца. По фантастичните голови против Севиља и Лајпциг, тој заблеска и против Расинг Сантандер, испраќајќи гол-проектил од 19 метри со брзина од дури 120,2 километри на час.
Голема улога во брзиот подем има токму Мурињо, кој постепено го вклопи младиот фудбалер во тимот, а играчот му враќа со бескомпромисна верност на теренот:
„Подготвен сум да ‘гинам’ за мојот тренер на секој натпревар. Ваквиот фанатичен однос кон обврските Мурињо посебно го цени, нагласувајќи дека за него е најважно кога фудбалерот покажува подготвеност за максимална жртва во служба на тимот и Реал Мадрид.“
Португалскиот стручњак посебно го истакнува неговото залагање и во дефанзивните задачи, со што Диоманде брзо се избори за довербата на стручниот штаб. Со ваквиот професионален пристап и разорниот квалитет во завршницата, младиот офанзивец се промовираше во нов омилен лик на навивачите и клучна фигура во шампионските амбиции на мадридскиот гигант.

