Француската ракометна легенда Дидие Динар повеќе нема да ја предводи машката репрезентација на Црна Гора. По истекот на договорот, искусниот стратег одлучи да прифати нов предизвик и во иднина ќе биде селектор на Луксембург. Динар седна на клупата на Црна Гора во октомври 2024 година и за релативно краток период остави позитивен впечаток. Под негово водство репрезентацијата обезбеди пласман на Европското првенство 2026, но не успеа да ја мине првата фаза на завршниот турнир. Црногорците беа блиску и до настап на Светското првенство, но во баражот беа елиминирани од Словенија по две неизвесни средби.
Французинот истакна дека разделбата не била лесна, бидејќи изградил одлични односи со играчите и луѓето во Ракометниот сојуз на Црна Гора. Сепак, нагласи дека одлуката да ја прифати понудата од Луксембург е донесена поради семејни причини и неговите долгорочни планови. Од Ракометниот сојуз на Црна Гора му се заблагодарија за професионалниот однос и придонесот што го даде за националниот тим, посакувајќи му многу успех во продолжението од тренерската кариера. Во меѓувреме, раководството на Сојузот ќе започне потрага по негов наследник, кој ќе ја предводи репрезентацијата во следниот квалификациски циклус.

