Кошарка Репрезентација на Македонија

Димитријевиќ со историски трипл-дабл, Македонија со моќна партија славеше над Австрија!

Македонската кошаркарска репрезентација го отвори вториот круг од претквалификациите за Европското првенство со убедлива победа во Австрија, каде што извојува триумф со високи 59-91.

Избраниците на селекторот Берокал брзо го наметнаа својот ритам и уште во раната фаза од мечот остварија двоцифрена предност. Со стабилна дефанзива и сигурна реализација во нападот, предводени од расположените Димитријевиќ и Ефремовски, македонските кошаркари заминаа на пауза со комотни 30-49.

Сликата на теренот не се промени ниту во вториот дел. Македонија продолжи да ја зголемува разликата, која во текот на третиот квартал надмина 25 поени, а пред влезот во последните десет минути резултатот гласеше 44-65. Домаќините немаа никаков одговор за расположената македонска селекција, која рутински го доведе натпреварот до крај за финални плус 32.

Прво име на средбата беше Ненад Димитријевиќ, кој оствари импресивен трипл-дабл учинок со 15 поени, 13 скока и 11 асистенции. Најефикасен во нашиот табор беше Виктор Ефремовски со 17 поени, додека Адем Мекиќ и Мозес Рајт постигнаа по 12 коша, при што Рајт додаде и девет скока. Следната пресметка за Македонија во рамките од овој квалификациски циклус е закажана против селекцијата на Кипар за 26 ноември.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.