Нашата фудбалска репрезентација в петок од 20:30 часот во Сараево ќе одигра пријателски меч против Босна и Херцеговина. Предводникот на голот Столе Димитриевски најави квалитетна игра и максимален ангажман во двата правци. Тој истакна дека атмосферата во националниот тим е одлична и покрај забележливите промени во играчкиот кадар.
“До претходниот натпревар секое мое присуство на прес-конференција значеше „чиста мрежа“. Се надевам дека ќе се вратиме на тоа. Сега се подготвуваме за Босна и Херцеговина и сакаме да одиграме квалитетен натпревар во двата правци. Подолго време сум во добра форма и се чувствувам одлично. Мислам дека влегувам во најдобрите денови од кариерата. Кај нас голманите тоа доаѓа малку подоцна, но се надевам дека ќе продолжам во ист ритам и ќе и помогнам на Македонија и на идеите на селекторот“. – изјави Димитриевски.
Овој контролен дуел е исклучително важен како подготовка за претстојните клучни предизвици во Лигата на нации. Селекцијата на Босна по својот стил на игра многу наликува на репрезентациите кои ја очекуваат Македонија набрзо. Искусните фудбалери веќе одлично ги прифатија новите млади играчи кои треба постепено да се вклопат.
„Ќе видиме како ќе се развива натпреварот. Работевме на сите сегменти од играта, добро се подготвивме и направивме квалитетна анализа. Се надеваме дека ќе извршиме поголем притисок на противничката половина. Натпреварите од Лигата на нации што следуваат се најважни за нас, а Босна е селекција која по стилот многу наликува на репрезентациите што нè очекуваат во наредниот период. Новите фудбалери имаат потенцијал. Треба постепено да се вклопат во тимот, а добро беа прифатени од нас поискусните. Потребно е да продолжат да работат, да се борат и да ја заслужат шансата да играат за Македонија и во следниот циклус“. – рече Димитриевски.

