Предводникот на егзотичниот Курасао, искусниот 78-годишен Дик Адвокат, не го крие воодушевувањето што неговата селекција ќе го отвори Светското првенство со пресметка против моќната Германија. Холандскиот стратег, кој испиша историја носејќи ја најмалата карипска држава на еден ваков собир, смета дека дуелот в недела во Хјустон ќе биде идеален тест за неговите избраници веднаш да видат каде припаѓаат во конкуренција на групата Е, каде се уште и Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.
„Тоа што веднаш на стартот играме со Германија е фантастично. Секако дека тие се апсолутни фаворити во групата, но за мене се и меѓу клучните кандидати за светскиот трон, заедно со Шпанија, Франција и Холандија“, вели Адвокат за агенцијата „дпа“.
Поранешниот тренер на Менхенгладбах истакна дека максимално го почитува германскиот фудбал и дека целосно ја поддржува одлуката на Јулијан Нагелсман да го врати 40-годишниот ветеран Мануел Нојер на голот. Според холандскиот стручњак, кој во својата богата кариера водеше дури седум различни репрезентации, Нојер со неодамнешните партии за Баерн во Лигата на шампионите против Реал Мадрид, докажа дека сè уште е чувар на мрежата од светска класа и дека годините за него не се пречка.

