Лиам Розениор има цврст договор со Челзи дури до 2032 година, но се чини дека неговата иднина во Лондон е на „стаклени нозе“. Според последните информации кои ги пренесува британскиот таблоид „Сан“, раководството на „сините“ веќе ја разгледува опцијата за негова смена, а главен фаворит за жешкото столче е легендарниот стратег на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.
Причината за ваквиот радикален пресврт е јасна, резултатите не се на нивото на амбициите на клубот. Челзи моментално се наоѓа на шестата позиција во Премиер лигата со освоени 48 бодови по 33 одиграни кола. Реалната опасност тимот да остане без пласман во Лигата на шампионите за следната сезона е главниот аларм кој ги вклучи шпекулациите за тренерска смена.
Евентуалното доаѓање на Симеоне во Лондон би значело крај на неговиот историски 15-годишен престој во Мадрид. Популарниот „Ел Чоло“ е на кормилото на Атлетико од 2011 година, период во кој успеа да изгради моќен тим и да освои: Ла Лига: 2 титули (2014, 2021), Лига Европа: 2 трофеи (2012, 2018), Копа дел Реј: 1 титула (2013), Лига на шампиони: Две финалиња (2014, 2016)

