Меѓународен фудбал Фудбал

Џерард бара жестока казна за Сити: Им одзедоа слава на другите клубови!

Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, смета дека Манчестер Сити треба да се соочи со сериозни санкции доколку конечната одлука потврди дека клубот ги прекршувал финансиските правила во англискиот фудбал. Поранешниот капитен на „црвените“ порача дека евентуалната казна не треба да се однесува само на една или две сезони, туку да биде соодветна на тежината на прекршоците.

Случајот против англискиот шампион се однесува на наводни неправилности во периодот од 2009 до 2018 година, поврзани со вкупно 115 обвиненија. Манчестер Сити ги отфрла обвинувањата, а конечната разврска и можните санкции остануваат предмет на правна постапка.

Овој случај има посебна тежина за Џерард, кој во сезоната 2013/14 беше блиску до освојување на титулата во Премиер лигата со Ливерпул. Меѓутоа, тимот од „Енфилд“ ја загуби предноста во завршницата од првенството, па трофејот заврши во рацете на Манчестер Сити.

И покрај тоа што евентуалните санкции би можеле да отворат прашања за титулите освоени во спорниот период, Џерард вели дека не би прифатил признание добиено со задоцнување.

„Немам ништо лично против фудбалерите на Манчестер Сити од тоа време. Тие беа неверојатни и ги имаа своите моменти. Но, јас не сум човек што би прифатил шампионски медал со задоцнување. Одамна прифатив дека не ја освоив Премиер лигата, а се помирив и со киксот против Челси“, порача поранешниот англиски репрезентативец.

Сепак, Џерард нагласи дека последиците од евентуалните прекршувања не би ги почувствувал само Ливерпул. Според него, во целата приказна мора да се земат предвид и другите клубови кои се бореле за титули, европски места или опстанок во елитата.

„Многумина од навивачите и фудбалерите на Сити велат дека никој не може да им ги одземе тие моменти. Но, што е со моментите што тие им ги одзеле на другите? Не станува збор само за мене и Ливерпул, туку и за Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Евертон, како и за клубовите што се бореле за опстанок и за трофеи“, истакна Џерард.

Поранешниот капитен на Ливерпул смета дека евентуалната казна мора да испрати јасна порака до сите во англискиот фудбал. Тој верува дека санкциите треба да опфатат повеќе сезони, наместо да се сведат на краткорочна мерка.

„Играчите, навивачите и раководството на Манчестер Сити треба да размислат за славата што можеби им била одземена на другите. Казната треба да биде тешка и да опфати неколку сезони, а не само една или две“, порача Џерард.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.