Резултатите и трофеите се главно мерило за успехот на секој менаџер, но темпераментниот Џенаро Гатузо очигледно нема никаков проблем со пронаоѓањето нов ангажман дури и кога тие целосно изостануваат. Иако изминатите години не се прослави на клупите на Валенсија, Марсеј, Хајдук и репрезентацијата на Италија, поранешниот деструктивец денеска и официјално беше промовиран во нов шеф на стручниот штаб на Лацио. Римските медиуми пренесуваат дека двете страни постигнале договор уште на крајот од мај, кога се дозна дека тој ќе го наследи престолот на Маурицио Сари, кој замина во Аталанта, а денеска соработката беше заверена со двегодишен договор.
За Гатузо ова е прва фиксна работа по 3 април годинава, кога поднесе оставка од селекторското столче на „азурите“ откако доживеа дебакл и не успеа да го помине мундијалскиот бараж поради поразот на пенали од Босна и Херцеговина. Лацио ќе биде вкупно 11-тиот клуб во неговата тренерска кариера која ја започна во Сион во 2013 година, а управата на „небесно-сините“ преку официјално соопштение му посака топло добредојде, изразувајќи уверување дека неговиот препознатлив професионализам, одлучност и искуство конечно ќе ги донесат посакуваните спортски цели на „Олимпико“.
Benvenuto, Mister 🤝🩵#AvantiLazio pic.twitter.com/n9P3dkIYuP
— S.S.Lazio (@OfficialSSLazio) June 23, 2026

