Француската репрезентација сака со победа да го заврши настапот на Светското првенство, а селекторот Дидие Дешан порача дека неговиот тим нема право на опуштање пред дуелот со Англија за третото место. Искусниот стратег, кој по 14 години ќе ја напушти селекторската функција, истакна дека натпреварот има големо значење и покрај тоа што не е финале.
„Должни сме да дадеме сè од себе и да победиме за Франција. Ова не е пријателски натпревар, туку меч за третото место на Светско првенство. Кога го носиш овој дрес, имаш обврска да се бориш до крај“, изјави Дешан.
Тој потврди дека ќе направи одредени промени во составот, но нагласи дека единствената цел останува победа. Воедно призна дека ова ќе биде негов последен натпревар како селектор на Франција. Поддршка за својот тренер даде и дефанзивецот Ибрахима Конате, кој истакна дека репрезентативците сакаат да му се оддолжат на Дешан за сè што направил за националниот тим.
По завршувањето на Светското првенство, Дешан ќе ја заврши својата успешна ера на клупата на „триколорите“, а негов наследник ќе биде легендарниот Зинедин Зидан. За време на неговиот мандат, Франција освои светска титула во 2018 година, беше светски вицешампион во 2022, како и освојувач на Лигата на нации.

