Меѓународен фудбал Фудбал

Десет дена затвор за навивач на Хајдук Сплит по скандалот со Ајакс!

Првиот судски епилог по инцидентите што ја одбележаа фудбалската пресметка меѓу Хајдук Сплит и Ајакс веќе е познат. Прекршочниот суд во Сплит осуди 24-годишен навивач на домашниот тим на десет дена затвор поради два прекршоци поврзани со однесувањето за време на натпреварот.

Според информациите од полицијата, навивачот бил под дејство на алкохол, а алкотестот покажал 1,66 промили. Дополнително, тој упатувал навредливи и антисемитски извици кон клупата и фудбалерите на холандскиот тим, со што, според надлежните органи, ширел омраза врз верска и национална основа.

Сепак, ова е само еден од случаите што ги истражуваат хрватските власти по случувањата во Сплит. Посебно внимание привлекоа и спорните скандирања за време на навивачкиот марш пред натпреварот, кога одредени лица извикувале пароли поврзани со Адолф Хитлер и Аушвиц, како и пораки со кои се величел нацизмот.

Во рамките на безбедносните активности пред и за време на натпреварот, полицијата привела 28 лица. Од сплитската полиција информирале дека за време на самата средба немало инциденти со елементи на насилство, но истрагата за спорните скандирања продолжува со цел да се идентификуваат сите одговорни.

Хајдук на теренот успеа да го совлада Ајакс со 2-1, но позитивниот спортски резултат остана во сенка на случувањата надвор од фудбалот. Надлежните институции продолжуваат со постапките, а се очекува да следуваат дополнителни информации за евентуалната одговорност на други учесници во инцидентите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.